top of page
Writer's pictureBioFarm & Mediflora MK

ЗОШТО Е ЗДРАВАТА ИСХРАНА НЕОПХОДНА ЗА УБАВИНАТА


Можеби ќе ви звучи како некаква фраза, но здравата односно правилна исхрана е многу повеќе отколку внесени калории и внимание за одржување на телесната тежина во нормална рамка. Впрочем, тоа постојано се потврдува со соодветните истражувања многу години наназад.


Правилната односно здрава исхрана спаѓа во групата важни елементи поврзани со здравиот начин на живеење и таа значително влијае врз доброто здравје и убавината. Најважна појдовна точка во животот на лицата што сакаат да го променат сопствениот животен стил во позитивен правец е токму правилната исхрана. Тоа има едноставна причина: имате целосна контрола врз процесот, само ако сакате и ако решите да почнете со правилна и балансирана исхрана.


Квалитетот и квантитетот на исхраната влијаат врз човечкото тело затоа што е храната основен извор на енергија и хранливи материи со кои го одржуваме животот. Со нивна помош во телото се создава сé она што му е неопходно за правилен раст, развој и постојано обновување на ткивата и органите.


Здравата односно правилната и балансирана исхрана го спречува недостигот од неопходните хранливи материи што може да предизвикаат несоодветна функција и несакани појави на телото. Не е доволно да се внимава само колку храна сте зеле, зашто притоа се задоволуваат пред сè енергетските потреби. Мора да се води сметка и за составот на внесената храна, со што се обезбедуваат неопходните минерали и витамини за психофизички здраво и функционално тело. Притоа, од особена важност е разновидноста на консумираните хранливи продукти со што се постигнува застапеност на сè она што му е потребно на човечкото тело. Треба да знаете дека подолг недостиг од една хранлива материја набрзо предизвикува појава од недостиг и на друга зашто повеќето хранливи материи имаат меѓусебно влијание, каков што е случајот со витамините Ц и А.


Разновидната и балансирана исхрана не само што дава добра основа за преживување туку придонесува и за нешто повеќе – дополнителна нега и грижа за градбата и функционалноста на телото. Така, здравата исхрана делува противвоспалително, ги неутрализира слободните радикали, создава повеќе колаген, го подига нивото на имуниот систем, помага во стабилизирање на функцијата на хормоните и при справување со стресот.


Дали општествено конструираниот модел за убавина што секојдневно медиумски нè бомбардира со фотографии создава несоодветна претстава за убавината? При тоа, сакале или не, често се споредуваме со таквите наметнати идеали и се мериме себеси според нив. Сметам дека таквите стереотипи не треба да ги земаме како мерило за она што претставува сопствената и убавината на околината. Убавина претставува прифаќање на самите себе, зрачење на духот, карактерот, воспитувањето, љубезноста и самодовербата, хигиенските навики, а не шминката и софтверски обработените фотографии.


Убавината доаѓа и од работите што ги правите за да чувствувате емоционална благосостојба. Вие сте олицетворение на убавината со сето биолошко наследство и животно искуство што го имате во себе. Можеби е време да се прекине со споредби, обвинувањa, проценки, очекувања и да се спротивставите на поројот од секојдневната животна монотонија?


Правилната и балансирана исхрана може многу да помогне. Таа влијае на многу области од вашиот живот – здравјето, радостите, работоспособноста, самопочитувањето, социјалниот живот… Започнете со правилна исхрана и ќе се изненадите колку бргу тоа ќе има домино ефект и врз сé друго. Со тоа не само што покажувате грижа за себе туку ѝ давате и позитивен пример на блиската и подалечната околина. На тој начин се намалува прекумерниот стрес, спиењето станува подобро, станувате посреќни и полни со енергија за повеќе физичка активност со што расте и самодовербата.


Кога сето ова ќе се сумира, добиениот резултат е: подобро општо здравје само затоа што сте почнале да се храните здраво.




6 views0 comments

Comments


bottom of page